skip navigation

Едноставно за америчката чума

Почетна / Болести и лечење / Едноставно за америчката чума

The world best quality of product and Training, for Beekeeping with Bee!

Едноставно за америчката чума

Едноставно за америчката чума

Со појавата на комерцијалното пчеларење, америчката чума се повеќе добива на значај, посебно од гледна точка на навремено откривање и лечење. Уплашени од големи загуби, пчеларите на различни начини се решаваа за борба против оваа болест, а пред се со нестручно користење на разни антибиотици. Последиците од таквиот третман се често штетни по пчелната заедница но и по луѓето бидејќи не се води сметка дека антибиотиците остануваат активни во медот и при конзумирање тие штетно дејствуваат.

Америчката чума постои многу одамна, веројатно колку и самата пчела. Милиони години пчелите успевале да се одбранат. Човекот не се мешал во таа нивна болест, а како ќе се меша кога во денешниот развиен облик човекот е стар само 200 000 години, додека пчелата во денешниот облик постои повеќе од 40 милиони години. За сето време на нивното постоење пчелите успевале да се одбранат и да ја држат под контрола оваа болест, користејќи ја лековитоста на билките, нектарот и поленот, а воедно развивајќи свои имунолошко-генетски особини.

Проблеми

Кога човекот се вплеткал во животот на пчелата, предизвикал озбилни стресни пореметувања на целата пчелна заедница, од неприродно живеалиште до вештачка храна, со чести преселби со користење на инсектициди и антибиотици со што дејствувал на намалување на природната способност на пчелата за имунолошка одбрана од оваа болест. Покрај ова пчелите во минатото живееле во предели каде што во текот на целата година имало доволно храна за нив, додека човекот почнал да ги одгледува на предели со екстремни услови и места каде нема доволно храна во текот на годината. Покрај ова пчелите денес се чуваат на густо населени локации на кои што не ретко на одредено подрачје може да има лоцирани повеќе од 100 па и 500 кошници, што е противприродно бидејќи во природните живеалишта пчелите живаат на растојание една од друга. Поради ова се појавуваат нови проблеми на недостаток на паша, намалување на отпорноста на друштвата, полесното ширење на болестите преку грабежи и налети. Стручњаците денес препорачуваат кошниците да бидат најмалку 1 метар една од друга.

Што се однесува до налетите, стручњаците не се согласуваат колку оваа појава има улога во ширењето на оваа болест. Едни тврдат дека тоа е беззначајно додека други го ставаат на исто ниво со грабежот. Некои автори тврдат дека 5% од пчелите влегуваат во други кошници но стручњаците од ветеринарниот завод во Загреб во едно истражување утврдиле дека при стационирани пчеларници 6% од излетничките влегуваат во други кошници додека при преселувањето од еден пчеларник во друг налетите се дури 18%. Исто така оваа група докажала дека пчелите се мешаат во други кошници и на растојание до неверојатни 500 метри. Овој факт го потврдува и појавата да се почесто оваа болес се појавува во се пошироки области каде пустоши одеднаш. Оваа појава е поизразита во беспашниот период макар што тогаш има и помалку пило па полесно се открива. Покрај беспашниот период како услов за појава на оваа болест е прекумерната прихрана на пчелите со шекер, недостатокот на полен или негова замена со вештачки суровини, старото саќе, одземањето на млади пчели, честото вознемирување на пчелите, додавање на отвотено легло без пчели и сл. Секако сите наведени причини можат да предизвикаат било која пчелна болест.

Предизвикувач

Америчката чума ја предизвикува бактеријата ,,Paenibacillus larvae,,. Оваа бактерија ја има секогаш во одреден број пчелни заедници но не ја предизвикува секугаш болеста. Од 8,8% до 12% од пчелните друштва во Данска Норвешка и Германија во медот имаат спори на оваа бактерија, но две третини од нив никогаш не заболуваат.

Спори како извор

Спорите се главна причина поради која неразборитите пчелари не ги слушаат стручњацита па своите пчели ги третираат неправилно и што е најлошо нанесуваат голема штета и на себе и на пчелите. Спора речено со прост јазик е учаурена форма на бактерија. И тоа така учаурена за да во таа своја обвивка може да преживее неверојатни 69 години без храна и без вода и кога ќе настапат поволни услови да се развие во вегетативен облик и се размножи во милиони други спори.

Денес пчеларите се почесто во борба со оваа болест користат разни антибиотици и навистина гледано со око на пчеларот во тоа и успеваат посебно ако чумата е во својот почетен стадиум на зараза. Меѓутоа тоа само така изгледа. Оваа бактерија има посебни особини да во неповолни услови за развој премине во стадиум на голем број спори и да се заштити од антибиотикот. Имено антибиотиците го уништуваат вегетативниот облик на бактеријата додека на спорите воопшто не делуваат. Овде требе да се додаде дека по смрта на ларвата бактеријата престанува да се развива вегетативно и се претвара во спори ( во една мртва ларва има 2,5 милиони спори) чекајќи пчелата да ги пренесе спорите на здрава ларва.

Антибиотици

Пчеларите што користат антибиотици не знаат што прават. Наместо како што предвидува законот заразеното друштво да го уништат и изгорат истите применуваат антибиотици и со тоа прават извор на зараза во било кое време подоцна да ја расшири болеста. Пчеларот користејќи антибиотик ја ставил болеста во мирување но тој тоа не го знае туку мисли дека ја победил истата. Па ваквиот начин на борба го пренесува на други -пчелари како свое искуство и ги убедува и тие така да постапуваат со што неправилниот начин на борба се проширува. А што работат за тоа време спорите, тие чекаат да ги однема антибиотиците, да се создадат поволни услови, за развој и кога пчеларот најмалку очекува болеста го зафатила целиот негов пчеларник и блиската околина. Спорите можат да чекаат и неколку години, а за тоа време пчеларот мислејќи дека ја победил болеста преместува рамки од кошница во кошница, прави нови друштва, продава друштва и без да знае ја шири болеста. Значи ширењето на оваа болест пред се е од страна на несовесниот и неук пчелар.

Медот несмее да содржи антибиотици

Според законите на Европската унија во медот не смее да има присуство на антибиотици. Тоа кај нас не дека е дозволено туку нема кој да изврши испитување и тоа да го потврди или одрече. Според законите на ЕУ ако во медот се утврди присуство на било кој антибиотик медот задолжително се уништува а трошокот за уништуваење е на сметка на пчеларот. Во центрифугираниот мед поради пониската температура од онаа во кошницата антибиотикот се задржува и повеќе од 4 години додека според некои нови истражувања антибиотикот во кошницата останува до три години, а за потполно разлагање на антибиотикот во поленот потребни се дури 6 години. Остатоци на Окситетрциклин се пронајдени во медот кај друштва што овој антибиотик го примиле преку погачи. Друга негативна особина на антибиотиците е што со повеќе годишна примена бактериите стануваат отпорни на антибиотикот.

Антибиотиците се штетни за пчелата

Примената на антибиотици е штетна и за пчелите. Докажано е дека антибиотиците во дозволените дози го скратуваат животот на пчелата, додека непрописните дози можат и да го усмртат друштвото. Во преработката на поленот во перга на пчелите им помагаат 227 видови на микроорганизми (бактерии и габички). Со употреба на антибиотици најголем број од нив умираат поради што пчелната заедница добива неквалитетна перга што е предуслов за лош пролетен развој. Од друга страна пак со отстранувањето на корисните цревни бактери кај пчелите се дава простор за развој на габични заболувања со долготрајни инфекции на пчелното легло.

Природата како лек

Постои уште еден суштински проблем. Требе да се спомене дека пчелно друштво заболено од америчка чума во природата со сигурност загинува, додека друштво ,,спасено,, со антибиотици и понатаму одгледува трутиви кои носат гени на слаба природна отпорност на америчка чума а кои можат да оплодат некоја матица. Така лошите гени кои во природата исчезнуваат со природна селекција, во третираните друштва опстојуваат и се пренесуваат од генерација на генерација со што секое ново потомство е по неотпорно кон оваа болест.

Природната отпорност на пчелите према америчката чума го одредува степенот на хигиенски карактеристики на друштвото. Гледано од аголот на пчеларот практичар степенот на хигиенски навики на пчелите може да се подигне на повисоко ниво на тој начин што матици ќе се одгледуваат од друштва кои покажуваат високо ниво на држење на хигиена во кошниците. На тој начин после повеќе генерации степенот на хигиена во пчеларникот ќе биде подигнат на задоволувачко ниво. Но оваа особина не се наследува доминантно па затоа улогата на трутовите е многу голема. За ваков начин на работа се потребни години и поширока примена од повеќе пчелари во околината за да даде задоволувачки резултати.

Распознавање на болеста

Америчката чума е лесна за препознавање - вдлабнати восочни капачиња на затвореното легло, неретко продупчени, со еднолична маса во кафена боја во што се претвори заразената ларва (старост околу 25 дена). Скоро сите заболени ларво по 10-15 дена од заразеноста потемниваат, по што се појавува мирис на туткал или на расипана риба.

Сигурна дијагностика

За сигурна дијагностика дали се работи за америчка чума потребно е да се направи лабараториска анализа. Сепак постои начин кој можат да го применат и пчеларите аматери со кој со голема сигурност се потврдува постоењето на америчката чума. Сувите красти во кои по 60 дена од заразата се претвараат ларвите со осветлување на ултравиолетова лампа светат. А кога ваквата сува краста ќе се стави во 6 капки млеко загреано на 74 степени, млекото за една минута се згуснува, а после нагло почнува да се разбиструва до потполна бистрина за околу 15 минути. Овој ефект го предизвикува само бактеријата на америчката чума.

Сузбивање

Сузбивањето се прави преку спалување на содржината на кошницата заедно со угушените пчели. Ако кошницата е стара се спалува и таа додека ако е нова со летлампа се обгорува. Ако пчеларот го почитува законот и соработува со надлежните ветеринарни служби и двапати годишно прави детален преглед на пчелните друштва истиот има право на законска надоканада од 6000 денари по изгубено пчелно семејство.

Постојат и нови методи за сузбивање на оваа лоша болест но тие не се опфатени со закон, бидејќи се бара повеќегодишна успешна пракса. Се работи за начинот наречен ,,голи,, пчели, имено сите пчели од заразеното друштво двапати се стресуваат во нов сандик во кој има ставено само рамки со восочни основи. При првото стресување пчелите со себе ќе пренесат и дел од медот од старата кошница во кој најверојатно има спори. По два до три дена повторно се стресуваат пчелите во нов сандук на восочни основи, пчелите ќе отпочнат со градење на ново саќе и ќе бидат принудени да трошат мед со што ќе ги исфрлат спорите од себе. Истресувањето за 3 дена се прави по трет пат притоа се додаваат нови основи и друштвото обилно се прихранува со шекерно меден сируп збогатен со чај од некоја лековита билка. Меѓутоа овој метод е релативно нов и не е докажан во пракса. Но и оваа метода не е без маана бидејќи матицата е носител на ,,осетливоста,, на америчката чума а таа не се уништува па затоа потомството може да биде повторно заразено од оваа опасна болест.