skip navigation

Двоматично Пчеларење

Почетна / Пчеларење / Двоматично Пчеларење

Формирање на друштва се врши во месеците јуни, јули и до половината на август

Трут

ДВОМАТИЧНО ПЧЕЛАРЕЊЕ

Формирање на повеќематичните друштва се врши во месеците јуни, јули и до половината на август, при што температурите несмеат да бидат пониски од 25С. Доколку во меѓувреме настапи заладување, потребно е кошницата во која го формираме друштвото дополнително да се затопли, или да се стави на друга кошница која ќе ја загрева.

1. Припрема на кошницата за формирање на новото друштво

Кошницата мора да биде исправна, без пукнатини од кои пчелите би можеле да влегуваат и излегуваат. Во оваа кошница ако сакаме да одгледуваме 5-6 матици, треба да се стават 5-6 рамки со зрело поклопено легло, од кое почнуваат да излегуваат млади пчели. Доколку сакаме да одгледуваме 7-10 па и повеќе матици, во кошницата треба да имаме 8 вакви рамки со легло. Останатиот простор го попочнуваме со рамки со мед и полен. Сета оваа работа треба да се заврши од 9-11 часот при температура не пониска од 25С.

2. Припрема на матиците за додавање

При одземање на матиците од друштвата во кои сакаме да ги замениме матиците, треба да се придржуваме кон следните правила:

  • Температурата несмее да биде помала од 25С, а матиците несмеат да се постари од 2 години.
  • Секоја матица која ја одземаме треба да ја ставиме во посебен мал жичан кафез.
  • Овој процес на одземање на матиците не смее да трае повеќе од 2 часа.
  • Откако ги одзедовме потребниот број на матици, кафезите со матици ги ставаме на маса и со помош на тенко дрвце накапуваме по една капка мед на кафезите.
  • После тоа чекаме 15-20мин. матиците да го земат медот.
  • После тоа ги пуштаме матиците една по една во еден поголем кафез со должина од 10цм. и ширина 5цм од долната страна на кафезот. Кафезот го држиме во вертикална положба, а од долната страна се додаваат матиците од малите кафези.
  • До колку се случи некои од матицита да почнат борба, треба одма а и од време на време малку да се зачадат.
  • Матиците се додаваат после 24 часа од формирањето на друштвото. Првата вечер по додавање на матиците, потребно е малку да се попрскаат рамките по сатоносачите со вода. Вториот, третиот и четвртиот ден треба да се прихрани со 100-200гр. шеќерен сируо во сооднос 1-1.
  • Петтиот ден од формирањето на друштвото треба да се отвори летото на 5цм. Тоа се прави околу 9 часот наутро.
  • Со прихрана треба да се продолжи и наредните неколку дена и тоа со 100-200гр. сируп. После 8 дена треба да се прошири летото на 10цм. Ова друштво треба постојано да се контролира, како за храна така и за проширување на леглото, бидејќи сите матици несат треба одвреме-навреме да се одземаатпо 2 рамки со затворено легло и на нивно место да се додаваат рамки со празно саќе. На овој начин им се овозможува на матиците простор за несење. Доколку нема паша, потребно е да се прихранува бидејќи ова друштво троши многу храна за одгледување на леглото. Во ова друштво матиците ќе можат да презимат, и на пролет ќе почнат нормално да несат.
Автор на текстот: Васко Карадаковски од Битола

ДВОМАТИЧНО ПЧЕЛАРЕЊЕ ВО САНДАЦИ - ДБ

Двоматичното пчеларење се состои во тоа да кон крајот на летото (во месец јули) една нормална заедница се подели на два дела и тоа друштво што нема матица добива млада и спарена матица. Така двете друштва зимуваат во еден сандак се до пролетта, на десет дена пред главната паша кога се спојуваат во едно и старата матица се отстранува.

Се става една летвичка на средината на летот така да пчелите се поделат отприлика по пола на влегување. После три дена се врши поделба на рамките со легло, мед и полен лево и десно од преградната даска која се става на средина. На едната страна доаѓаат 5 рамки а на другата 6 рамки (дванаесетата рамка всушност е преградната даска). После 24 часа на оној дел кој е без матица му додаваме млада спарена матица во кафез. Оваа поделба не треба да ја правиме се додека не произведеме млади спарени матици.

Во добри климатски услови друштвата брзо ќе се средат и ќе почнат нормално да работат. Во лоши климатски услови (беспашен период) треба да се прихрануваат со шеќер во кристал и повремено да им се даде поголема количина шекерен сируп.

Во пролет при спојувањето прво се одзема старата матица а следниот ден се вади преградната даска и на нејзино место се става рамка со мед или доколку ја немаме ставаме празна рамка во која од двете страни сме истуриле шеќерен сируп. Ова спојуванје е сигурно и ќе помине без ниту една мртва пчела бидејки пчелите прво го земаат медот или сирупот од двете страни и после 3-4 саати ќе почнат нормално да функционираат како заедница. Друштвото се остава на мир 3-4 дена. Препорачливо е старата матица да ја чуваме извесно време во друго друштво (во кафез) или да ја ставиме во нуклеус поради несакани последици по матицата што сме ја оставиле во друштвото.

Поделеното друштво набрзо се снабдува со зимница а во јануари има повеќе легло од нормалните друштва. Бидејќи се развива многу брзо може да му се одземе по една рамка со легло и да се даде на другите послаби друства. Ако се приметат на пролет знаци на роидбен нагон тогаш двете друштва се спојуваат порано. Ова споено друштво останува како целина до јули кога веќе имаме млади и спарени матици и пак ја повторуваме целата постапка на двоење. Со оваа постапка секоја година имаме млада матица во друштвото.

Како да пчелариме со две матици во ДВ кошница со 10 рамки?

Ако го поделиме сандакот на два дела тогаш сме добиле две друштва од кои едното има пет рамки а другото четири. Значи сме добиле две слаби друштва кои ако не ги споиме во пролет на време обавезно ќе се јави роидбен нагон, За да ги избегниме овие ситуации треба да постапиме на следниов начин.

Кон средината на јули формираме онолку нуклеуси колку ќе ни се потребни за појачување на основните друштва во пролет, Е сега, нуклеусите не ги лоцираме на посебни места на пчеларникот туку ги поставуваме одозгора над секое производно друштво. Со соодветна нега и повремена прихрана нуклеусите ќе се снабдат со доволно храна и успешно ќе ја презимат зимата. Во пролет на десетина дена пред главната паша нуклеусот се отстранува од над основното друштво и се поставува на одредено место на пчеларникот. Сите пчели излетнички од нуклеусот кога ќе се вратат од паша и кога ќе видат дека го нема нивното друштво ќе влезат во основното друштво. Бидејќи тоа се пчели кои се во неволја, а и со себе носат полен или нектар, ќе бидат примени од пчелите во основното друштво без борба, Ако е потребно, се одзема по една рамка со затворено легло од нуклеусот и се додава на основното друштво На овој начин максимално сме го појачале основното друштво со пчели а во исто време имаме уште во пролет нуклеуси со одлична едногодишна матица, кои со соодветна помош на пчеларот ќе прераснат во производни друштва за следната година.